МУЛТИКУЛТУРНОСТА И ИНТЕРКУЛТУРНОСТА 25 04 2016 (1) (original) (raw)

2016, Министерство за образование и наука

Учебниците имаат значајна улога во градењето претстава кај учениците за различноста на луѓето во светот и во средината во која живеат. Истражувањата покажуваат дека начинот на кој се претставени другите во еден учебник влијае врз формирањето на ставовите за тие групи кај останатите ученици. Доколку во учебниците се присутни повеќе позитивни примери, кои се со јасна определба за градење на мултикултурно општество и кои повеќе ги изразуваат основните принципи на интеркултурноста, тогаш постојат реални предуслови учениците да формираат позитивни ставови, мислења и однесувања во однос на другите. Оттука, неопходно е при пишувањето и изборот на учебници, особено во мултиетничките училишта и средини, да се води сметка за интеркултурната димензија на текстовите, задачите и илустрациите во нив, односно да се афирмираат содржини кои ќе овозможуваат прифаќање, почитување и интеракција на различните. Овие согледувања, на теориско рамниште, наоѓаат потврда и во официјалните документи кои се однесуваат на учебниците што се користат во училиштата во Република Македонија. Така, во Методологијата за вреднување на учебниците1, изработена од страна на Бирото за развојна образованието на РМ, се укажува дека во учебникот не треба да секористат термини и изрази со кои се искажуваат потценувачки ставови кон определени заеднициили личности, туку содржините и илустрациите треба да ги пренесуваат културните вредности и да поттикнуваат заемна соработка и чувство на почит кондругите. Со цел да се провери колку овие препораки се применети во практиката, извршена е опсежна анализа скоро на сите учебници што се користат во наставата со учениците од прво до петто одделение во деветгодишното основно образование. Истражувањето претставува збогатување на постоечките анализи на интеркултурната димензија во учебниците од основно образование и овозможува согледување на актуелните состојби во наставата во однос на развивањето на интеркултурни вредности и ставови кај децата од рана училишна возраст.