РИМСКО СУДСКО ПРАВО - I (Правосудниот систем во времето на Кралството) (original) (raw)

Овaa моја прва книга по Римско судско право е наменета, првенствено, за студентите од прва година на правните факултети во Република Македонија, коишто овој предмет го слушаат како задолжителен во првиот или во вториот семестар од студиите. Истата може да им послужи и на постдипломците или на докторантите од подпрограмата „Римско право“, во рамки на Институтот за правно-историски науки. Тaa е плод на научноистражувачката работа за време на моите докторски студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како и при подготовката на мојата докторска дисертација. Имено, римското право, во суштина, беше процесно право, па ценам дека ваквото претставување на организацијата на инокосните и колегијалните органи кои ја вршеа кривичната јурисдикција во древниот Рим, ќе биде интересно четиво за „младината желна за изучување на законите“ (cupidae legum iuventuti), која за прв пат се среќава со оваа мошне значајна материја од доменот на правната романистика. Искрено се надевам дека ваквиот систематизиран приказ на правосудниот систем на Римјаните од најстариот период на нивниот државно-правен развој – кој, барем во македонски прилики, е пионерски обид за ваков тематски правно-историски пристап, ќе им даде на студентите по право доволен увид во начинот на првичното правораздавање и примитивниот концепт за правда кој постоел кај античките народи, a на подобрите од нив ќе им послужи за понатамошни продлабочени истражувања на оваа мошне значајна материја.